Утврдувањето претставува процес на пресметување на меѓусебните обврски на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност кои што произлегуваат од склучените трансакции со хартии од вредност на Берзата. Утврдувањето и порамнувањето, согласно закон, ги врши овластен депозитар.
Обврските што се однесуваат на пренос на хартиите од вредност од склучените берзански трансакции со хартии од вредност се извршуваат по пат на истовремено плаќање на реализираната цена за тие хартии од вредност на Берзата (принцип "испорака наспроти плаќање").
Порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност на сите пазари на Берзата се врши на третиот работен ден (Т+3) од денот на склучувањето на трансакцијата.
Доколку и од двете членки учеснички во трансакцијата постои согласност, порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност на сите пазари на Берзата може да се врши и во пократок период од третиот работен ден од денот на склучувањето на трансакцијата, во специјален ден на порамнување (Т+1; Т+2), на начин пропишан од страна на Берзата.
Податоците за склучените берзански трансакции Берзата ги доставува до овластениот депозитар во електронска форма на денот кога истите се склучени.
Порамнувањето на блок трансакциите склучени на сите пазари на Берзата се врши согласно договорот помеѓу купувачот/купувачите и продавачот/продавачите на хартиите од вредност, согласно принципот испорака наспроти плаќање, но не подолго од три работни дена од денот на објавување на блок трансакцијата од страна на Берзата.Порамнувањето не може да се изврши со одложено плаќање.