На берзата се тргува со инструменти кои согласно Законот за хартии од вредност се дефинирани како хартии од вредност, кои се котирани односно регистрирани на некој од пазарите на Берзата во согласност со законските одредби и актите на Берзата и за чие тргување Берзата обезбедува соодветна системска и организациона поддршка. Берзата може во договор со пооделни субјекти, да организира и тргување со друг берзански материјал, со претходна согласност од Комисијата за хартии од вредност.
На Берзата не се тргува со хартии од вредност во случаи кога:
- не доаѓа до законска промена на сопственоста на хартиите од вредност;
- преносот на сопственоста на хартиите од вредност е резултат на нова емисија на хартии од вредност која е во тек.
Тргувањето со хартии од вредност на Берзата е комплетно автоматизирано, односно истото се одвива преку Берзанскиот Електронски Систем за Тргување наречен БЕСТ. Тргувањето се одвива „далечински“ т.е. сите брокери се електронски поврзани од своите деловни простории со централниот компјутерски сервер лоциран на Берзата. БЕСТ системот е отворен за членките на берзата за работа со налозите за тргување секој ден на тргување (понеделник, вторник , среда, четврток и петок) во времетраењето на фазите на тргување. БЕСТ системот се базира на системот на налози, согласно моделот на континуирано наддавање и употреба на методот на компјутерско усогласување на цените на хартиите од вредност.
Цените по кои се тргува на Берзата се објавуваат за 1 (еден) лот и можат да се изразуваат:
- за акции: во денари, без децимални места;
- за обврзници: како процент од номиналната вредност или како процент од сеуште неисплатената главнина (ануитетски обврзници), без акумулираната камата. Процентот се изразува со две децимални места.
При тргувањето со обврзници, освен цената изразена како процент од номиналната вредност или како процент од сеуште неисплатената главнина на обврзниците, купувачот на обврзниците е должен на продавачот на обврзниците да му ја плати акумулираната, но сеуште ненаплатената камата. Пресметката на акумулираната камата ја врши овластен депозитар.
Официјална дневна просечна цена на определена хартија од вредност е пондерирана аритметичка средина на сите цени од сите трансакции со таа хартија од вредност во еден ден на тргување. Како пондер се зема количината на хартии од вредност кај секоја трансакција. Официјалната дневна просечна цена се формира на крајот на денот на тргување. Официјалната дневна просечна цена за определена хартија од вредност се објавува во официјалната дневна листа на Берзата.
За сите хартии од вредност (и котирани и некотирани) на сите пазарни сегменти на Македонската берза воведен ист режим на тргување, со што независно од пазарниот сегмент, ликвидните хартии се тргуваат во режим на “континуирано тргување” со ценовни ограничувања од +/-10 од базната цена за таа хартија од вредност на денот на тргување, додека неликвидните хартии од вредност се тргуваат во режим на “фиксинг” без ценовни ограничувања.Налозите за тргување со хартии од вредност кои гласат на цени поголеми или помали од дозволените ценовни ограничувања во текот на денот, БЕСТ системот автоматски ги става во неактивна состојба.
Времено прекинување на тргувањето со хартии од вредност...
Берзата може времено да го прекине тргувањето со определена хартија од вредност во следниве случаи:
- значајни пореметувања во работењето на издавачот на хартиите од вредност;
- неточно наведени податоци во барањето за котација;
- објавување на ценовно чувствителни информации;
- манипулации со инфорамциите или цените;
- големи ценовни флуктоации или други невообичаени околности при тргувањето (голема количина на истргувани хартии од вредност, голема пазарна нерамнотежа итн.);
- оневозможување на трансферот на сопственоста на хартиите од вредност;
- нарушување на довербата во тргувањето со хартии од вредност;
- настанување на околности кои можат да доведат до нарушување на фер тргувањето со хартиите од вредност;
- можно настанување штети за членките, инвеститорите и Берзата;
- во други околности, ако тоа го налага општиот принцип на заштитата на инвеститорите.
Повеќе за тргувањето на Македонска берза може да прочитате тука